Повик за трудови за Systasis 41
Подготовката на редовниот број 41 на електронското списание Systasis (http://www.systasis.org), што треба да излезе во ноември, 2023 е во тек. Ве потсетуваме дека вашите прилози можете да ги доставите на е-адресата: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. до 15 септември 2023. Упатствата за техничка подготовка на прилозите можете да ги најдете на веб страницата на списанието (https://systasis.org/index.php/mk/povik-za-trudovi).
Редакцијата одлучи да продолжи со праксата на подготовка на тематски целини во рамките на редовните броеви. Насловот на годинашниот темат е: КЛАСИЧНАТА КУЛТУРА ДЕНЕС: ОД ТРАДИЦИЈА ДО РЕЦЕПЦИЈА, а негов гостин уредник д-р Дарин Ангеловски од Институтот за македонска литература при УКИМ, Скопје.
Фокусот на тематот е насочен кон презентирањето на нови истражувања коишто имаат за цел да понудат увид во содржините, карактерот, обемот и интензитетот со кои класичната култура е присутна во современата култура денес.
Идејата да го поставиме предложениот наслов како тема за размислување произлезе од предизвикот да се поттикне размената на стручни и научни сознанија и коментари за процесите на традиција и рецепција сфатени како основни патишта преку кои класичната култура се пренесува и прифаќа во современите културни системи.
Очекуваме општо поставената тема да се конкретизира во своевидна збирка на прилози од домашни и странски истражувачи коишто ќе понудат заокружени мислења за дадени проблеми и интерпретации на одредени идеи во специфичните истражувачки зони на класичната филологија и преводот на класичните дела од старогрчки и латински јазик, употребата на античките теми и мотиви во современите литератури, влијанијата на класиката врз философската мисла, релациите на класичната култура со фолклорот, етнологијата, антропологијата, истражувањата во областа на археологијата и историјата на стариот свет, третманот на антиката во ликовните уметности, музиката, дизајнот, театарот, филмот, образованието, правото и политиката, економијата и маркетингот, технологијата и новите медиуми итн.
Прилозите за тематот може да бидат напишани на: македонски, англиски, француски, германски, италијански или руски јазик. Техничкото упатство за подготовка е истото како и за сите други прилози што се објавуваат во редовните броеви на Systasis и може да се преземе од веб страницата на списанието (https://systasis.org/index.php/mk/povik-za-trudovi).
Рокот за пријавување на насловот на прилогот со краток апстракт е 15 јули 2023, а рокот за доставување на конечната верзија на прилогот е 15 септември 2023 на е-адресата на списанието: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..
Со задоволство ги очекуваме вашите прилози.
Редакција на електронското списание Systasis